Се следат забелешките за вакцината на „AstraZeneca“, тврди министерот Филипче

Здравствените власти будно ги следат забелешките на другите земји за вакцината на „AstraZeneca“, која државава треба да ја добие преку Covax механизмот, изјави во петокот вечерва министерот за здравство Венко Филипче, откако веќе десетина земји членки на Европската унија го запреа користењето на вакцината притив коронавирусот на споменатиот англиско-шведски производител, поради можни несакани последици со згрутчување на крвта.

„Внимателно ги следиме забелешките од другите земји. Будно следиме, препораките од самите производители и одлуките во одредени земји. Врз основа на тоа ги градиме нашите препораки“, нагласи Филипче при гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизијата Телма.

Додаде дека лично нема проблем да се вакцинира со која било вакцина, бидејќи како што нагласи сите се безбедни.

„Немам проблем да се вакцинирам со која било вакцина. Сите вакцини се безбедни. Лично немам проблем да се вакцинирам и со вакцината на „AstraZeneca“, изјави Филипче.

Во гостувањето се осврна и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на кинеските вакцини преку наводни офшор посредници. Филипче посочи дека откако не успеале во иницијалните обиди да стапат во контакт со прозводителот на вакцините во Кина, од кинеските компании кои работат во земјава добиле препорака како да стигнат до производителите.

„И стигнавме до нив, разговаравме и за количините и за времето на транспорт. По известувањето на тамошното Министерство ни беше укажано дека тоа не е патот по кој треба да се оди и ние тоа го испочитувавме. Какви провизии, кога ние сме направиле уплата и таа е вратена“, тврди Филипче.

Оцени дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ биле континуиетет и дека раководните луѓе од партијата навдно сакаат да ги„ пресликаат работите што ги правеле кога беа на власта“

„Таков начин како што имаше во времето на ВМРО-ДПМНЕ, сега нема. На опозицијата и пречи тоа што ние навистина работиме и добро сработуваме“, додаде Филипче.

Во врска со случајот со директорот на струшката болница Мухамед Асани и родилката од Дебар, Филипче не ја исклучи можноста за негово разрешување.

„Оставам само уште малку време, заради тоа што, заради сите други обврски, не направивме детален увид, но следната недела ќе излеземе со став, изјави Филипче.