
ВМРО-ДПМНЕ со невистини и лажни вести се обидува да деградира здравствениот систем, со измислени конструкции сака да го поткопа процесот за набавка на вакцини, на штета на граѓаните и јавното здравје, тврдат од владејачката партија во обидот да ги негираат обвинувањата од опозицијата дека владата предводена од СДСМ се обидела да набави кинески вакцини против коронавирусот преку фантомска фирма, поради што и владата во Пекинг го вратила понудениот аванс од макединската влада
„Првите вакцини веќе се пристигнати, вакцинацијата на здравствените работници е во тек, се очекуваат и поголеми количини вакцини“, велат од СДСМ мислејќи во прв ред на вакцините кои како подарок стасаа од Србија.
„Во процесот на набавка на вакцини сѐ е законски и регуларно. Владата и Министерството за здравство, од самиот почеток ги користат сите механизми за набавка на вакцини од што е можно повеќе производители. Нервозата во белиот дворец расте поради серијата изборни порази, внатрепартискиот судир и правдата која е веќе тука, па ВМРО-ДПМНЕ шири невистини, бидејќи нема што да им понуди на граѓаните“, тврдат од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на пандемијата прави опструкции, шири дезинформации и продава лажна загриженост за јавното здравје, затоа граѓаните ги казнија на избори, затоа се во опозиција и уште долго ќе останат таму“, се додава во партиското соопштение.