Младиот тим на МЗТ Скопје Уни Банка на приреди големо изненадување и го совлада Кожув со 81-74 во последниот натпревар од 17. коло на кошаркарскиот шампионат на нашата земја.
Првиот дел целосно мина во знакот на младите металци, кои играа подобро под двата обрачи. Митевски и Тодоровски погодуваа во серија, а Станојевиќ и Силаџи возвраќаа.
Со 43-35 се отиде на одмор, а далеку подобри вибрации оставија младите скопски кошаркари.
Сепак, на стартот на третиот квартал се разигра Марко Симоновски и по поените на Силаџи во 28. минута, Кожув поведе со 59-54.
Од тој момент екипата на Јончевски покажа авторитет и квалитет. Сепак, предноста не беше превисока, па Зекири и Монтгомери направија серија 5-0 и во 33. минута МЗТ Скопје Уни Банка ја врати предноста 69-67.
Кога Митевски погоди на две минути до крајот, МЗТ Скопје Уни Банка побегна на 79-74 и победата беше на дофат.
Пет играчи во „сино-бело“ забележаа двоцифрен број на поени од кои најрасположен со 18 поени и 5 скока беше Максим Митревски. 15 поени додаде Леонид Тодоровски, додека со 13 поени и 5 скока натпреварот го заврши Андреј Андоновски. Дабл-дабл од 12 поени и 11 скока забележа Роб Монтгомери, додека ист број на поени, но и шест скока додаде Лејсон Зекири.
Кај гостите 19 поени забележа Димитар Караџовски, еден помалку додаде Никола Силаџи, додека дабл-дабл од 14 поени и 10 скока оствари Никола Станојевиќ. Марко Симоновски натпреварот го заврши со 11 поени.