Повлечени вкупно 4,5 тони путер со изминат рок

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти во неделата вечерта дека се повлечени вкупно 4,5 тони путер со поминат рок кој во понеделник ќе биде уништен на „Дрисла“, кои не биле пласирани во продажните мрежи.

Во соопштението се наведува дека путерот, чиј увозник е млекарницата „Евро Млекара“ од Скопје, е повлечен бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата не соодветствува со увозната документација за производот според која рокот на употреба бил до 2019 година.

„Агенцијата за храна и ветеринарство изминативе две недели спроведе акција за контрола на млечни производи од увоз во млекарницата „Евро Млекара ДООЕЛ“, Скопје. Во неколку последователни контроли во млекарницата и кај дел од нејзините дистрибутери, повлечени се вкупно 4.325 килограми увозен путер, за кој е утврдено дека е со изминат рок до 2019 година. Производот е повлечен бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата на производот (13.02.2021 година) не соодвествува со увозната документација за производот, според која, рокот на употреба бил до 2019 година“, посочува АХВ.

Спроведени се и дополнителни контроли во истата млекарница и кај дел од дистрибутерите при што запленети се нови количества на путер со изминат рок на употреба, со што вкупното колечство на запленет увозен путер за кој застапник е оваа млекарница е речиси 4,5 тони.

„Целокупното количество на увозен путер со поминат рок, ќе биде уништено утре на депонијата Дрисла. Контролите од страна на АХВ продолжуваат и во текот на следната недела на повеќе млечни производи од различни домашни и странски млекарници, што се продаваат на македонскиот пазар. АХВ ќе постапи неселективно и во рамките на своите надлежности кон сите што ги прекршиле законските правила за продажба на производи. Со оваа акција на АХВ е спречено загрозување на здравјето на граѓаните со небезбедни производи“, се вели во соопштението.