Денеска е Чист понеделник

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот Белигденски пост. На овој ден се чисти куќата, децата и возрасните се капат, потстрижуваат и бричат. Особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.

За време на Велигденските пости покрај вообичаените консумирања храна од растително потекло, житарици, зеленчук и овошје, постојат и одредени карактеристични продукти што се подготвуваат само во одредени денови за време на постите.

Првата сабота по прочка е празникот Тодорова сабота- Тодорица, а саботата пред Велигден е Лазарова сабота, а во неделата се Цветници. Празникот Благовештение кој секогаш е на 7-ми април.

За празниците Благовец и Цветници дозволена била употреба на посни меса во кои спаѓаат рибата и полжавите. Рибата печена или пржена на масло, или подготвена со ориз или, пак, со запржен кромид и суви црни сливи, била скоро задолжително подготвувана во овие денови. Полжавите се печеле или се вареле како готвено јадење со зеленчук.

Сепак велигденскиот пост не значи само одрекување од храна. Важен е и духовниот пост. Верниците во деновите на постот треба да се воздржат од лоши мисли и дела, и да се обидат да најдат духовен мир, без што постот нема смисол.