Австрискиот функционер задолжен за набавка на вакцини против ковид-19 поднел оставка бидејќи не успеал да ги купи сите дози на вакцини кои биле на располагање, откако канцеларот Себастијан Курц ги критикуваше разликите во дистрибуцијата на вакцините во ЕУ.
– Клеменс Ауер ме замоли да го разрешам од должноста – изјавил министерот за здравство Рудолф Аншобер три дена откако канцеларот Курц ја обвини ЕУ и предупреди дека дозите од вакцините не се делат пропорционално помеѓу членките и дека дополнителните договори за снабдување со вакцини се договорени во нетранспарентни преговори помеѓу членките на Унијата.
– Ауер не ме информираше за можноста да се купат повеќе од 31 милион од веќе обезбедените дози вакцини, по пат на резервација на дози кои не ги бараат останатите земји членки – вели Аншобер.
Европската комисија соопшти дека ако една земја членка не ја искористи распределбата на вакцините по системот „про рата“, дозите се распределуваат на останатите држави членки на Унијата.
Народната партија на канцеларот Курц го прозва Ауер да поднесе оставка бидејќи пропуштил да нарача максимален број дози според споменатиот механизам.
Досега во Австрија која брои 8,9 милиони жители, вакцинирани се 8,4 отсто луѓе, додека на Малта, на пример, вакцинирани се 18,3 отсто од нешто повеќе половина милион жители.