Нема прошка за непростливото

страшо ангеловски

Деновиве околу Прочка многу се зборува за простувањето, како христијански чин на помирување. Чин толку потребен на со омраза натопеното човештво, наспроти старозаветното „око за око“, кое доколку го применуваме, како што би рекол Ганди, низ светот би шетале само слепци.

На Прочка, според христијанската милост, се простуваме со блиските, со саканите, со пријателите, дури и со непријателите кои ни згрешиле во личниот живот, во личните односи.

Само во политиката, не постои љубов, не постои блискост и не постои пријателство и непријателство. Во политиката постојат само интереси, вечни интереси – оние националните и државните, интересите на народот на кој припаѓаме. И затоа, во политиката, колку и да е нехристијански, нема проштевање за никој кој работел или работи токму против вечните интереси на својот народ и својата држава. Во политиката, нема прошка за непростливото. И затоа, нема прошка за лаги и измами, нема прошка за реваншизми и нечовечности, нема прошка за алчност и ароганција, нема прошка за ужасите низ кои поминуваат граѓаните.

Токму затоа, колективната меморија на македонскиот народ мора да го памети и не смее да го прости:

  • Насилното, незаконски и противуставно инсталирање парламентарно мнозинство, при што со однапред смислено сценарио, се предизвикуваат немири пред и во зградата на Собранието, а невини луѓе, заради заштита на погазениот Устав, се прогласуваат за терористи и се осудуваат на 200 години затвор;
  • Безмилосната и брутална измама со која неуспешниот референдум од 2018 година се прикажува како поддршка за уништувачките политики на насилно инсталираното мнозинство за потпишување договори со Атина и Софија.
  • Потпишувањето договор со Атина со кој се избриша името на државата Република Македонија, се избриша идентитетот на македонскиот народ и дел од неговата милениумска историја. Со овој договор Република Македонија прифати модел на гарантна окупација, кој предвидува целосна контрола и мешање во внатрешните работи на државава од страна на Атина, се до исполнување на последната точка од договорот.
  • Потпишувањето договор со Софија со кој треба да се избрише остатокот од македонската историја и да се потврди дека ние Македонците сме мутирана овошка накалемена на бугарски корен.
  • Преку договорите со Атина и Софија доведување на македонскиот етнички идентитет до ниво на целосна обезличеност, а преку Тиранската платформа зајакнување на етничкиот идентитет на албанското малцинство во државава до ниво на конститутивен народ, што заедно со целосната двојазичност треба да биде вовед во федерализација и идна поделба на Република Македонија.
  • Монструозните лаги за многу нешта, а посебно оние за случајот „Монструм“. Чин, можеби помонструозен и од самото монструозно убиство на невини деца. Чин, со кој во болната желба за власт, се згази на сеќавањето за мртвите, а двојно повеќе на чувствата на живите.
  • Невидениот до сега и безмилосен грабеж на државната каса со што Република Македонија е држава-банкрот, држава која многу скоро не ќе може да ги исполнува основните обврски. Сето ова дополнето со задолжување до ужасни размери, со што веќе се презадолжени и нашите внуци.
  • Заради неспособност и, целосна насоченост кон грабеж и корупција наместо кон решавање на житејските проблеми на населението, аматерско несправување во корона пандемијата со целосен хаос во здравствениот систем, што резултира со повеќе од 3.000 починати. Луѓе убиени од несовесноста на власта.
  • Воено профитерство. Во време кога сериозните држави се борат за вакцина повеќе за своите граѓани, Македонија оставена на милост на неколку илјади подарени вакцини, бидејќи власта на воените профитери, наспроти ужасите што ги минуваат граѓаните, договара провизија за набавка на вакцини.
  • Потсмевот и непочитувањето на кој се изложени и македонската држава и македонскиот народ во светската јавност последниве години, заради недугавоста на корумпираните и неспособни узурпатори на власта.

Постојат уште стотици и стотици нешта кои не смеат да се заборават, а уште помалку да се простат, но нив ги оставам во паметењето на секој од нас.

Вчера беше „чист понеделник“, ден кога домаќинките ги чистат домовите и го исфрлаат собраното ѓубре. Симболиката е повеќе од јасна – ние, македонските домаќини треба да започнеме да си ја чистиме државата, насобраното политичко ѓубре да го исфрлиме во најцрните депонии, а на оние кои ни го создадоа и ни ја извалкаа државата, да им ја дадеме заслужената казна.

Час поскоро да го сториме тоа, ако не сакаме, според Ганди, да станеме држава на слепци водени од законот „око за око“,зашто и Прочка и христијанската милост ја губат суштината на своето постоење без правда и правдина.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес