
Честито Битиќи! По вторпат со тврдење дека помошта е 350 милиони евра го демантираш премиерот и многу други официјални и партиски лица за тврдењето дека помошта од пакетите за ковид-19 е 1 милијарда евра, рече на прес конференција Гордана Димитриеска Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
– И самиот призна дека станува збор за тоа што ние во континуитет го говоревме уште на самиот почеток. Дека дупката во буџетот ќе биде голема зошто реализацијата на приходите беше значајно пониска од она што се планираше во 2020 година. И пак тука се побивте сами. Премиерот и министерот велеа дека буџетот е во добра кондиција! Не беше и не е. Но, и покрај тоа, вие најдовте пари за ГАМА, не ги сопревте вработувања во јавна администрација по партиски клуч, не ги сопревте непродуктивните трошења, а не обезбедивте дополнителни пари за здравство? Ни изостана директната помош од ЕУ (без камати), а скокате за заемот од Светска Банка на кој ќе плаќаме камата – рече Димитриеска Кочоска.
Таа додадае дека уште „скокаат“, а таа потпишала речиси 1 милијарда евра задолжување за да можат да трошат за здравство и за економијата.
– Тоа што не направивте вистински приоритети, туку ги реализиравте вашите приоритети е проблем кој како товар ќе го носат сите граѓани долго после кризава. И доста за разликата во камати. Објаснив како не се мешаат баби и жаби во еден претходен напис . А за тоа на што се потрошило во минатото од задолжувањето сите знаат и гледаат. Не е Скопје 2014 главниот ваш проблем. Проблем за вас е што немаше само едно училиште (како во ваше време), туку имаше стотици нови изградени и реновирани училишта, градиники, спортски сали, стадиони, локални и регионални патишта, автопати. А вие со што ќе се пофалите? Не можете ни белите ленти на патиштата да ги обновите – рече таа.
Според неа, Битиќи и Владата ниту во еден момент не планирале пад од 10 отсто на БДП за 2020 година, па сега да се фалат дека успеале да го намалат.