Собранието треба да излезе со јасен документ за односите со Бугарија

Изјавата на Борисов е симптоматична, тој зборува за заеднички херои. Меѓутоа станува збор за една флоскула, и тоа што го кажува Борисов значи дека треба да прифатиме дека имаме заеднички херои, рече професорката Наташа Котлар на гостувањето на телевизија Канал 5 во емисјата Само вистина, коментирајќи ја вчерашната изјава на Бојко Борисов кој вчера рече дека „хероите кои загинаа за слобода не може да не разделуваат, тие се мост на пријателство, не не поделба“.

Ме интересира, вели таа, на кои заеднички херои мисли премиерот.

„Кога некој ќе ви рече дека не преговара за јазикот, ама ја има историјата како карта за покусурување тоа не е во ред. А ние немаме ни еден документ на пример од Собрание. Законодавната треба да се изрази за да постапува извршната власт. Парламентот треба да се повика на научните искажувања и ништо повеќе“, вели Котлар.

И професорката Симона Груевска-Маџоска која беше дел од дебатата на емисијата истакна дека е проблематично кога зборуваат од Бугарија за заедничка историја. На што мислат?- прашува таа.

„Бугарија прекрши одредби од Договорот. Тоа се провокации кои ги нарушуваат односите, тоа се провокации кои го нарушуваат Договорот за добрососедство. А Бугарите велат дека тие нема да ги сенат своите ставови и по избори“, вели Маџоска.

Според неа тоа што го кажува Бугарија е под диктат на политиката.

„Тоа е нивно што зборат дека македонскиот јазик е по 1945 година, ама тоа не е така. Како тоа велат некој се школувал таму и е Бугарин. Тоа не е точно“, вели Маџоска.