Имотот на семејството Рашковски зголемен за над 50.000 евра откако не е генерален секретар на Владата

За повеќе од 50.000 е зголемен имотот на семејството на Драги Рашковски, откако тој повеќе не е генерален секретар на Владата и е назначен за Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата, покажуваат податоците на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Рашковски, како што пишува А1.Он, согласно законот поднесе нов анкетен лист за имотната состојба. Но, доколку се споредат двата, се доаѓа до заклучок дека неговиот, и имотот на неговите деца, за кој пишува дека е „стекнат со договор за подарок“ е зголемен за над 50 илјади евра, а дополнително на тоа, тој во меѓувреме вратил и заем од речиси 20 илјади евра и видно го намалил земениот кредит.

Во период додека Рашковски е секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата, тој го препишал земјоделското земјиште во Струмица од повеќе од две илјади квадратни метри вредно 9.700 евра на име на неговите деца. Стан вреден над 65.000 е пријавен и додека тој бил
генерален секретар и на новата функција, иако не се знае дали станува збор за истиот стан.

Во 2020 година, имотот на неговите деца се зголемил, пишува натаму порталот, се зголемил за уште 24.000 имајќи предвид на тоа што тие преку договор за подарок добиваат земјоделско земјиште во Поболје
од 2.700 квадратни метри.

Новина во анкетниот лист на Рашковски е и автомобил „БМВ“ кое се води на негово име, а чини 11 илјади евра. Освен ова, тој има и мотоцикл „хонда“ од 12.000 евра и ушете еден мотоцикл „БМВ“ пријавен на вредност од 4.800 евра.

Зголемени се и денарските депозити на неговите деца. Тие изнесувале 30.000 евра, а сега според приложените документи на порталот се зголемени за дополнителни 4.000 евра.

Поранешниот секретар на Владата пред да замине од функцијата имал кредит од 68.000 евра, а сега, тој е намален на 47.000 евра. Односно, како што проценува А1.Он, Рашковски веројатно го вратил и заемот од речиси 20.000 евра, со оглед на тоа што тој не е впишан во неговиот нов анкетен лист.