Ненадејна посета на министерот за одбрана на САД на Авганистан

Американскиот министер за одбрaна Лојд Остин во неделата допатува во ненадејна посета на Авганистан, извести Пентагон, неколку седмици пред датумот одреден за завршување на процесот на повлекување на американските трупи од оваа азиска земја во согласност со договорот постигнат меѓу САД и лидерите на радикалното исламистичо движење Талибан.

Министерот Остин разговарал со авганистанскиот претседател Ашраф Гани, само неколку дена откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека ќе биде „тешко“ да бидат повлечени сите американски војници до 1-ви мај, а талибаните го предупредија Вашингтон дека би можело да ги продолжат нападите врз меѓународните сили, доколку овој рок не биде почитуван.

Истовремено владата во Кабул посакува да ги задржи американските сили што подолго на авганистанска територија, особено поради клучната важност поради воздушните сили кои го обезбедуваат воздушниот простор на земјата и им даваат логистика на авганистанските безбедносни сили во одредени борбени операции.

По завршувањето на разговорите со претседателот Гани, американскиот министер за одбрана не го коментирал датумот за завршувањето на повлекувањето од договорот постигнат меѓу американската делегација и со политичките претставници на талибаните, постигнат минатата 2020 година во катарска Доха.

„Тоа е во доменот на мојот шеф (…), тоа е одлука којашто ќе ја донесе претседателот (Бајден) кога за тоа ќе дојде времето“, изјавил Остин за новинарите.

По процесот на повлекувањето на американските трупи од Авганистан, започна уште во мандатот на претседателот Барак Обама, во оваа земја во моментов има само уште 2.500 американски војници. САД пред две децении во оваа земја извршија инвазија со образложение дека талибанскиот режим ѝ дава засолниште на терористичката мрежа Ал Каеда која го изведе најголемиот терористички напад на американска територија од 11-ти септември 2001 година, кога загинаа околу три илјади луѓе.

Рокот за повлекување на американските војници е 1-ви мај годинава, и е утврден со договорот постигнат меѓу талибаните во мандатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во февруари 2020 година. Но некои американски функционери и набљудувачи стравуваат дека Авганистан би можел да влезе во нов виор на граѓанска војна и повторно на Ал Каеда да ѝ даде засолниште, доколку меѓународните сили предводени од САД се повлечат пред постигнувањето на конечниот мировен договор меѓу талибаните и владата во Кабул.

Русија, САД, Пакистан и Кина во заедничка изјава од четвртокот по самитот посветен на мировните преговори во Авганистан кој се одржа во Москва, повикаа на постигнување политичко решение за ставање крај на децениската војна во разорената земја. Во изјавата се повикуваат судрените страни во Авганистан да го потпишат мировниот договор и да се вклучат во разговорите за да бидат донесени насоките за формирање инклузивна влада и постигнување примирје.