Европската унија во моментов не може да донира вакцини против коронавирус на посиромашните земји, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
– Постои голем притисок врз земјите-членки да набават вакцина за себе – рече Фон дер Лајен за „Функе медиа груп“.
Сепак, шефицата на ЕК ја нагласи финансиската поддршка на Унијата за иницијативата Ковакс и напорите на Светската здравствена организација да им се обезбеди пристап до вакцините на посиромашните земји.
– Европската унија инвестираше 2,2 милијарди евра во оваа иницијатива. Ковакс веќе испорача 30 милиони дози во 52 земји – рече Фон дер Лајен.
Механизмот што и овозможува на Унијата да споделува вакцини директно со другите земји нема да започне, како што рече шефицата на Комисијата, „сè додека немаме подобра состојба на производство во ЕУ“.