Фирмата „Нексан“ на бизнисменот Давидовиќ стана сопственик на „Јелак Градба“

Компанијата „Нексан“ од Никшиќ на Миодраг Дака Давидовиќ стана сопственик на „Јелак Градба“ од Тетово наместо панамската оф-шор компанија Адастра на контроверзниот црногорски бизнисмен, објави Фактор.

Градежната компанија „Јелак-Градба“ е формирана на почетокот на 2016 година со седиште во Тетово, со основна главнина од 2 милиони евра основана од офшор фирмата Адастра и управувана од Давидовиќ-Дака, која досега немаше никаква деловна активност.

Опозицијата по минатогодишните парламентарни избори реагираше дека Дака, чија компанија „Нексан“ е позната по тоа што презема компании под стечај во Црна Гора и Србија, во центарот на Тетово ќе изгради 2.000 стана и трговски центар на местото на поранешниот шумарско-индустриски комбинат Јелак.

Минатата година на каналот „ЈуТјуб“  се појави аудио снимка која откри фрапантни сознанија и сомневања за криминал од интернационални рамки во кој се врзува името на контраверзниот српски тајкун Миодраг Давидовиќ Дака, Зоран Заев и Драги Рашкоски. Врската за овие три имиња е Зоран Милески Кичеец, осуден за случајот Рекет.

Во снимката двајцата соговорници ги споменуваат имињата на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, а се слуша и името на Зоран Заев. Соговорникот кој зборува на српски јазик споменува дека му дал пари на Милески, се споменува референдумот и неостварени ветувања кои му биле дадени на Давидовиќ за бизниси поврзани со хидроцентрали и со ветерници во Тетово и во Штип.

Бизнисменот Давидовиќ призна дека дал пари и го потврди состанокот преку Кичеец со Заев.

Инаку, црногорската „Нексан“ е основана во 1992 година како друштво за трговија, додека во годините што следуваат фирмата почнува да се занимава со транспорт, шпедиција, градежништво, трговија со нафта, производство на вино. Во 2006 година, нејзина доминантна дејност станува градежништвото, така што гради комплекси во Будва, Свети Стефан, Подгорица, Никшиќ…

Премиерот Заев во врска со овој случај минатата година се изјасни дека сопственоста на инвеститорот била остварена за време на ВМРО-ДПМНЕ и дека тој не гледа ништо спорно во тоа што за тој простор е донесен урбанистички план со станови.

Парцелата од 71 000 квадратни метри на комбинатот минатата година доби нова намена и наместо за индустрија, општината Тетово одлучи локацијата да се користи за домување и за трговски дејности.