
Во вечерашното издание на дебатната емисија на ТВ Стар Штип гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски кој зборуваше за моменталната политичка ситуација, нефункционалното Собрание, како и на следните чекори кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги превземе во однос на политичката ситуација во Република Македонија.
Милошоски потенцираше дека Зоран Заев наместо да има емпатија кон сопствениот народ и да размисли малку повеќе дали е потребен попис во овој момент, тој упорно го турка пописот, иако истиот најверојатно ќе придонесе за зголемување на и онака огромните бројки на заболени и починати сограѓани. Тој додаде дека граѓаните не се чувствуваат безбедни и не посакуваат попис, иако власта им се заканува со казни и кривична одговорност.
Јасно е дека попис во Република Македонија е потребен и несомнено тој ќе треба да се случи, но во овој момент пописот претставува лудост на власта. Македонија се соочува со страшна здравствена криза која секојдневно одзема животи и тоа во овој момент е поважно од се, а не попис кој согласно договорите на Заев и некои лидери ќе биде фингиран, вели Милошоски.
Здравствените работници, комисијата за заразни болести и сите инволвирани во здравствениот систем треба да пратат апел кон властите и да им укажат дека пописот навистина ќе влијае врз здравјето на граѓаните. Мора да покажеме зрелост и да бидеме емпатични и грижливи кон своите граѓани, бидејќи бројките на починати досега се навистина поразителни, додаде Милошоски.
На крајот на краиштата, пописот кој власта сака да го спроведе не е ниту малку статистичка операција, туку партиско политичка операција која што Зоран Заев ја турка со задни намери. Ако на Зоран Заев му е поважно да спроведе попис, независно од тоа дали ќе се соочиме со нови жртви, тогаш нека ги казнува граѓаните и нека ги става на ризик нив и нивното здравје. Но, за таквото однесување Заев ќе мора да сноси ригорозни последици, заврши Милошоски.