„АстраЗенека“ тврди: 76 отсто ефикасност на вакцината, високо ефикасна и кај лицата над 65 години

Компанијата „АстраЗенека“ соопшти дека нејзината вакцина против Ковид-19 е 76 отсто ефикасна во спречување на симптоматските форми на болеста, покажува најновата анализа на главното истражување во САД, нешто пониска од нивото објавено претходно оваа недела во извештајот критикуван за употреба на застарени информации.

Американските здравствени власти јавно му забележаа на производителот на лекови што не ги користел најновите информации кога во понеделникот објави привремена анализа во која се наведува дека вакцината е ефикасна 79 проценти.

– Примарната анализа е во согласност со нашата претходно објавена привремена анализа и потврдува дека нашата вакцина против Ковид-19 е високо ефикасна кај возрасните, вклучително и кај оние над 65 години, рече Мене Пангалоса, извршен потпретседател на „АстраЗенека“.

Тој најави дека компанијата ќе достави регулаторна апликација за одобрување за „итна употреба во САД и ќе се подготви за испорака на милиони дози низ Америка“.