Судот во северниот албански град Кукс, во отсуство ѝ изрече казна затвор во траење од шест години, на косовската пејачка Фјола Морина, која на 19 септември лани, на граничниот премин Морина, на албанско-косовската граница беше приведена, откако кај неа беше пронајдено оружје и муниција.
Под обвинение за „трговија со оружје и муниција“ нејзе ѝ беше одредена мерка домашен притвор, со обврска секојдневно јавување во полицискиот комесаријат во Кукс. Но, последното нејзино јавување е регистрирано на 20 јануари кога успеала да ја напушти територијата на Албанија и додека полицијата трагала по неа, таа почнала да ја „предизвикува“ со фотографи од местата каде што престојува.
Меѓу другото, постирала фотографии од нејзиниот престој во Дубаи, со познатиот бизнисмен Фисник Сула, а на 19 март и од нивната, како што напиша свадба од соништата, на Малдиви.
Кај Фјола Морина (35) при контрола на влез во Албанија, пронајдени и запленети беа огнено оружје тип „зораки“ со 23 куршуми, како и пиштол со изглед на запалка.