Нови проблеми со вакцината на „AstraZeneca“

Воведувањето на вакцината на англо-шведската компанија „AstraZeneca“, на којашто поголемиот дел од светот смета во справувањето со пандемијата на коронавирусот, во четвртокот се соочи со нови тешкотии откако Индија го запре извозот на вакцината, а Европската унија расправа за сопствена контрола на извозот.

Индија привремено го запре извозот на вакцината на „AstraZeneca“ од Институтот за серуми во Индија (SII), најголемиот светски произведувач на вакцини, за да се задоволи домашната побарувачка на препаратот по растот на коронаинфекциите во оваа земја, објавува Reuters, пренесува НетПрес.

Со тоа веројатно ќе дојде до одложување на пратките со вакцините за десетици сиромашни земји, коишто исто така се потпираат на производството на SII во рамките на програмата за распределба на вакцините Covax, кој го поддржува Светската здравствена организација (СЗО – WHO).

„Испораките на вакцината против Covid-19 за земјите со низок приход во рамките на програмата Covax веројатно ќе бидат одложени“, изјавиле за Reuters од УНИЦЕФ кој е партнер во оваа програма.

Потегот на Индија доаѓа во моментот кога Европската унија разгледува дали на своите земји членки ќе им даде поголеми овластувања да го блокираат извоз на вакцините надвор од границите на Унијата. Бидејќи повеќето од нив имаат проблеми со процесот на вакцинирање на своето население кој доцни и е недоволен, а истовремено бележат раст на коронаинфекции.

Предлогот би се однесувал на сите вакцините, па и на „AstraZeneca“ на којашто ЕУ првично се потпираше, за да ја постигне својата цел од иминузација на 70 отсто од возрасната популација до летото, а во моментов е многу далеку од тоа.

ЕУ ја обвинува „AstraZeneca“, која вакцината ја разви со Универзитетот Оксфорд, дека неправедно ја фаворизира Велика Британија, што компанијата го отфрла.

Вакцината на „AstraZeneca“ се смета за пресудна во сузбивањето на пандеијата на коронавирусот, затоа што е најевтината во моментов и бидејќи е многу попогодна за складирање и транспорт во однос на ривалските западни вакцини коишто ги преферира ЕУ.

Политичките претставници на Брисел и Лондон оваа седмица се договориле да се тежнее кон „вин-вин“ решенија, но ЕУ има уште еден голем проблем. Имено, силно е опадната довербата во вакцината на „AstraZeneca“ поради загриженоста од нуспојави и податоците за нејзината ефикасност.

Данска ќе ја запре употребата на оваа вакцината на уште три седмици додека не се истражат потенцијалните врски меѓу вакцината и згрутчувања на крвта, објави данската телевизија TV2.

Повеќе од десет други земји во ЕУ, исто така, ја запреа употребата на оваа вакцина поради сличните стравувања, но повеќето повторно ја започнаа имунизацијата со „AstraZeneca“. Европската агенција за лекови (ЕМА) објави минатата седмица дека вакцината е безбедна, но многумина во ЕУ ја задржаа резервираноста и претпазливост во однос на овој препарат.

Третина од Данците одбиле да се вакцинираат со „AstraZeneca“, покажува истражување кое во средата го објавија данските медиуми. Довербата во оваа вакцина паднало и во Шпанија, Германија, Франција и Италија.

Вакцината на „AstraZeneca“ веќе доби одобрување за итно користење во повеќе од 70 земји во светот.

Челниците на Франција и на Германија признаа во четвртокот дека проблемот на бавното воведување на вакцинирањето во ЕУ го надминува прашањето за контролата на извозот. Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека лидерите на ЕУ ќе расправаат и за јакнење на производството на вакцината во Унијата.

„Британските производствени постројки произведуваат за Велика Британија а САД не извезуваат, па се потпираме на она што можеме да го сториме во Европа“, изјави Меркел пред германските пратеници.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, рече дека Унијата треба да признае дека нејзините планови за вакцинирањето имаат недостиг од амбиции.

„Не гаѓавме во ѕвездите. Тоа на сите нас би требало да ни биде лекција“, рече Макрон за грчката телевизија ERT.