Верници во два града во Холандија ги нападнале во неделата новинарите кои известуваа за богослужбите за кои велат дека се одржани без почитување на епидемиолошките мерки.
Протестантските цркви во местата Урк и Кримпен ан ден Ијссел го отвориле во неделата утрото вратите за стотиците верници и покрај строгите прописи во време на епидемијата на коронавирусот и критиките од јавноста.
Новинарите кои известувале за богослужбите биле нападнати пред црквите. Во Кримпен ан ден Ијссел покрај Ротердам, 43-годишен маж, според очевидци, наводно претепал телевизиски репортер. Осомничениот маж кусо потоа бил уапсен, соопшто полицијата.
Во Урк, североисточно од Амстердам, маж намерно удрил телевизиски снимател со автомобил. Претходно, верниците ги тепале новинарите, објави државната телевизија. Новинарите биле полесно повредени.
Полицијата и политичарите во Холандија порачаа дека насилствата се неприфатливи. Министерот за правда Ферд Граперхаус порача дека независното новинарство е неопходно за демократска уставна држава. Пратениците од неколку партии, исто така, го критикуваа насилство.
„Новинарите да си ја работат својата работа“, порача преку Twitter Лилијан Плоумен, челничка на социјалдемократите.
Холандскиот премиер Марк Руте претходно ги критикуваше црквите и верските заедници во земјата дека се неодговорни, затоа што им дозволуваат на стотици луѓе да присуствуваат на боголсужбите, иако на сила се карантинските мерки.
Според холандскиот устав, на верските заедници не може да се забрани собирање. Меѓутоа, повеќето досега ги почитуваа правилата дозволувајќи соборање на најмногу 30 луѓе.