Седница на Владата

Информацијата за статусот на надградба на системот на Агенцијата за вработување на Република Македонија за поврзување со Централниот регистар на население, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција, како и Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Страните на Северноатлантскиот договор за безбедност на информации, се само некои од точките на денешната редовна 59. владина седница.

На седницата, како што соопшти владината прес-служба, Министерството за правда ќе реферира за напредокот на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија”, а Министерството за информатичко општество и администрација ќе информира за формирањето меѓуресорска работна група за меѓусебно усогласување и измена на законите и подзаконските акти поврзани со градење и електронските комуникации.

Редовната 59. седница на Владата е предвидено да почне во 12:30 часот преку видеоконференциска врска, а за заклучоците и одлуките јавноста ќе биде информирана преку соопштение.