Повеќе од половината Германци подготвени да се вакцинираат со руската вакцина

Повеќе од половината или 57 отсто од жителите на Германија, изразиле подготвеност да се вакцинираат против Covid-19 со руската вакцина „Спутник V“, доколку биде одобрена во нивната земја и Европската унија, произлегува од истражувањето на јавното мнение што го спровело институт Forsa по барање на медиумската групација RTL.

Како што забележуваат истражувачите, уште на почетокот од февраури со „Спутник V“ сакале да се вакцинираат 45 отсто од испитаниците.

Според ова истражување, од кое резултатите беа објавени во средата вечерта, 69 отсто од германските граѓани сакаат да се вакцинираат веднаш штом ќе имаат можност.

Истовремено 44 отсто од испитаниците рекле деа не би сакале да се вакцинираат со вакцината на англо-британската компанија „AstraZeneca“, а 51 отсто од нив се подготвени да ја примат оваа вакцина. Покрај тоа, 10 отсто од нив изјавиле дека сакаат да почекаат уште мал период пред да се вакцинираат, а 8 отсто одбиваат воопшто да се вакцинираат.

Истражувањето опфатило примерок од 1.001 испитаник, а маргината на можната грешка е проценета на 3 отсто.