
Немаме долг кон Град Скопје, нема судска одлука за рушење, вели сопственикот на галијата на реката Вардар која денеска почна да ја урива градот по налог на скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Со галијата управува бугарски инвеститор – фирмата Сервис Емус Ад Скопје, а управителот Жарко Миленкоски тврди дека бродот е изграден со пари од приватен инвеститор државјанин на Р. Бугарија без двојно државјанство.
„Вкупните инвестиции на бугарскиот инвеститор во Македонија се над 40 милиони евра. Инвестицијата во овој брод е над 1,2 милиони евра. Град Скопје нема никакво побарување кон нас, а патем Град Скопје нема инвестирано ниту еден денар, велат во дописот на кој е потпишан Миленкоски.
Се додава дека не е укината дозволата за поставување на урбана опрема, што значи правниот акт врз основа на кој е поставен бродот, сеуште е во сила.
Во тек биле два судски предмети, од коишто за едниот утринава било одржано рочиште и не може да се руши на сила додека нема судска одлука.
„Судот трпи огромен притисок да не донесе времена мерка како би се спречило настанување на штета. Затоа една судијка веќе се откажа а други две веќе неколку месеци не носат решение, се со цел да му се дозволи на Градоначалникот да изврши рушење т.е. да направи штета а потоа да се води судски спор. Ова е странска инвестиција од бугарски инвеститор и информирана е Бугарската Амбасада и Европската Унија. Бараме да ни се гарантира правото на фер судење без мешање и притисок од Градоначалникот Петре Шилегов, кој е бивш адвокат и на повеќе наврати јавно го критикуваше судството и судиите. Ние не сме виновни ниту за пандемијата ниту за политиките на бившата власт, ниту треба да трпиме штета поради ветувањето на Градоначалникот дека ќе ги руши галиите, стои во информацијата.
Велат дека платиле се и по една недела добиле информација дека еднострано е раскинат договорот.
Поседуваат и документи за нивните тврдења.