Почна полицискиот час, во наредните две недели седете дома од 20 до 5 часот

Почна двонеделен полициски час од 20 часот до 05 часот изутрина.

Со заострувањето на рестриктивните ковид мерки- полицискиот час наместо од 22 во наредните две недели ќе почнува од 20 часот, а од утре за гости се затвораат сите угостителски објекти, како и угостителскиот дел од обложувалниците. Од денеска се затвораат и фитнес салите, спортските и салите за вежбање и се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.

Новите рестриктивни мерки имаат за цел да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, како и да се избегне потенцијално затворање за верските празници Велигден и Бајрам.

Одлуката за затворање ќе трае до 20 април 2021 година, а како што соопшти Владата по вчерашната седница, објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна, а исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителскиоте објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Обложувалниците ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт.