
Започна вакцинацијата на наставниот кадар во основното образование од прво до трето одделение, како дел од масовното вакцинирање во А1 Арена – салата „Борис Трајковски“. На територија на целата држава има 57 инфицирани ученици и 130 наставници кои следат и изведуваат настава со физичко присуство, соопшти од Министерството за образование и наука.
– Вакцинацијата на наставниците започна од вчерашниот ден и продолжува во наредниот период. Станува збор за етапно вакцинирање при што од страна на здравствените работници се повикуваат наставниците со однапред закажан термин и час. Министерството за образование и наука апелира наставниците да се пријавуваат за вакцинација со цел побрзо сузбивање на корона вирусот – информираат од МОН.
Оттаму велат дека состојбата во образование со коронавирусот е стабилна и хибридниот модел на настава кој се применува се покажа како ефективен за заштита на учениците и наставниците од ширење на ковид-19 во училиштата.
– Во овој период на територија на целата држава има 57 инфицирани ученици и 130 наставници кои следат и изведуваат настава со физичко присуство, што е исклучително ниска бројка. Процесот на вакцинација заедно со почитувањето на мерките засега е единствениот начин да ја намалиме трансмисијата во државата вклучително и образовните институции – додаваат од МОН.