ВМРО-ДПМНЕ предлага државата да ги признае трошоците и на пациентите што досега се лекуваа приватно

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи да се рефундираат трошоците и на пациентите кои досега ги направиле лекувајќи се во приватните болници, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски, владиниот предлог за лекувањето на ковид пациенти во приватните болници,требало да се случи многу порано, уште во почетокот на пандемијата.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка во Собранието за измени во законот за поевтино приватно лекување на ковид пациентите, Мицкоски рече дека ќе го поддржат тоа но, и ќе предложат рефундирање на парите на оние пациенти кои поради недостаток на легла во државните болници морале да заминат на лекување во приватните.

– Не што ќе поддржиме, туку и ќе предложиме оние пациенти кои досега ги користеа услугите на приватните болници, доколку имаат соодветен доказ и да го приложат и државата е должна  на тие луѓе да им ги рефундира трошоците. Затоа што 14 месеци потоа, после 4 илјади починати луѓе, повеќе од 130 илјади заболени и дури денеска, односно вчера  им текнува дека треба да ги ограничат услугите кај приватните болници. Тоа требаше на почеток да се случи. Кога веќе не се случи на почеток, дај барем да им ги рефундираме трошоците на луѓето кои досега ги направија – изјави Мицкоски.

Откако ќе се изгласа Законот за здравствена заштита со измените и дополнувањата, пациентите во приватните болници кои се лекуваат од ковид, ако е комплексно лекувањето и долго трае, максималната сума што треба да ја платат е 300.000 денари, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Со предложените измени на Владата ѝ се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување за да се овозможи овие услуги да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани.

Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, како што вчера информира владата ќе бидат испратени на усвојување во Собранието по скратена постапка.