Република Македонија, како и целиот свет, се соочува со кризата предизвикана од Kоронавирусот. И додека останатите држави, која повеќе која помалку, која поуспешно која понеуспешно, се справуваат со кризата, Република Македонија е на дното на европските држави и некаде меѓу последните на светско рамниште во справувањето со ова зло.
Зошто е тоа така, може да се набљудува од три аспекти:
1. Заради крајната неспособност на оние кои се одговорни за справувањето со оваа опасност, тргнувајќи од Заев со неговите „ваксајнси“, преку Филипче како најуспешен портпарол на Министерството за здравство, па се’ до на пример, Стојанче, кој уште не знае дека вирусот не е керамида за да се крши со празна глава…
2. Заради криминалното однесување на оваа гарнитура на власт што е генерална карактеристика на целиот период од нејзиното владеење, а се опишува со само еден збор – профит. Овојпат, во време кога по три-четириесет луѓе секојдневно умираат од вирусот, кога исто толку семејства се завиткуваат во црно, кога илјадници дневно се разболуваат без извесна здравствена иднина, тие, како најмонструозни воени профитери, преку специјално за таа намена формирана фирма, се обидоа од набавката на вакцините (нивната ефикасност не е тема на овој текст) да заработат околу 6 милиони евра.
3. Многумина веќе говорат дека оваа гарнитура на власт, покрај неспособноста и желбата за воено профитерство, дури и намерно ја држи Република Македонија во перманентна здравствена криза како заложник во нивната болна потреба за уште малку власт и довршување на агендата за разнебитување на македонската држава. Па така, користејќи ги заканите како оружје и стравот од болеста како орудие, го оневозможуваат организираниот отпор на народот кој е веќе до точка на вриење и си купува уште ден, месец, година власт. Можеби некој ќе рече дека е ова еден вид убиство со умисла на сопствениот народ и дека е премногу дури и од човекот кој монструозно си поигра со чувствата на сите во случајот со убиствата на момчињата на Смилковско езеро, но само сетете се на Нерон, на Хитлер, на Пол Пот…
Истовремено, Република Македонија го живее периодот на една од најтешките економски кризи, чиј „пик“ допрва се очекува. И додека Заев и компанија се развозуваат со скапи мотори со обезбедување платено од заедничкиот Буџет, се „разлетуваат“ со државниот хеликоптер како Чаушеску на својот последен лет, болните по пет часа се носат на раце низ снегот, шеесеттина илјади луѓе останаа без работа и исто толку семејства без егзистенција, туристичкиот и угостителскиот сектор се во колапс и сите системи на државата еден по еден откажуваат – здравствениот, правосудниот, одбрамбениот, безбедносниот…
И повторно и оваа криза, економската, може да се набљудува од три аспекти:
1. Заради „скудноста во главите“ на владејачката гарнитура која е неспособна да се справи со економските предизвици, бидејќи државата не е ниту невладина организација штедро напојувана со странски пари, ниту зелено пазарче на кое ќе ги продадете скапаните пиперки сокриени во внатрешноста на вреќата. Со еден збор , државата е премногу сериозен комплекс на системи кои бараат непрекината посветеност, а не секојдневни медиумски лаги и измами.
2. Заради криминалот кој е навистина единствената стопанска гранка што цвета. Заради корупцијата што достигна невидени размери, заради дрогата што ги труе нашите деца, и конечно, заради домашната и светска мафија која си доби своја држава. Имено, сите домашни и светски криминалци со фотографии споделени по социјалните мрежи во друштво со Заев и компанија ја докажуваат блискоста со оваа Влада, блискост купена со криминални пари.
3. И повторно, веќе се шпекулира дека оваа гарнитура на власт намерно го прави сето ова. Намерно ги растура сите системи во државата, правосудниот, безбедносниот, одбрамбениот… Намерно безмилосно ограбува, брутално го празни Буџетот и бескрупулозно ја задолжува државата, за да после нив остане потоп. За да се растури државата и да не останат институции пред кои тие ќе треба да одговараат за сите свои злосторства. Злосторства кои со леснотија ги изведуваат, со леснотија ги прикриваат и со леснотија ги релативизираат кога ќе бидат втерани в ќош.
За жал, сето ова ја направи државата нефункционална до ниво на можен распад, до ниво на потреба „душегрижниците“ од „меѓународната заедница“ да почнат да нудат „длабоко обмислени“ решенија за Македонија како за недовршена приказна од поранешната СФРЈ.
И воопшто не е битно дали словенечкиот премиер Јанез Јанша навистина испратил Нон-Пејпер до ЕУ со предлог БиХ и Македонија да се поделат по етнички граници, или неговото име е злоупотребено за да биде пуштен пробен балон за да се видат реакциите на ваквиот предлог. Битно е дека некаде зад кулисите, оние кои ги движат конците на куклите, се’ уште и ова решение го имаат како опција.
Токму затоа треба да се потсетиме на Тиранската платформа која Заев без милост кон сопствениот народ и сопствената држава ја води кон целосна реализација. Притоа, ќе потсетам на нешто што уште од пред десеттина години сум го напишал барем десеттина пати. Ќе потсетам на барањето на албанскиот историчар Кочо Данај, соработник на Сали Бериша, Илир Мета и Еди Рама, кој објавувајќи ја книгата „Платформа за Природна Албанија“ горливо се залага за голема Албанија.
Најкусо кажано, покрај присоединувањето на Косово, делови од Црна Гора, Чемерија и Јужна Србија, неговата заложба е федерализација на Македонија со промена на државното име во „Северна Македонија и Источна Албанија“, што би значело бинационална држава, наместо национална држава на македонскиот народ уредена како мултиетничко општество. Таквата бинационална држава би значела крај на унитарноста на Република Македонија, што според него, би довело и до распад на државата. И сето ова, според него, би се случило после целосната имплементација на Тиранската платформа.
Многумина ќе речат дека ова се веќе одумрени националистички идеи кои не може да се реализираат, но… За жал, во политиката не постојат случајности, па така ниту поклопувањето на тезите на Кочо Данај со наводниот Нон-Пејпер на Јанша (или добро осмислениот пробен балон), не може да биде случајност. А, после влезот на Република Македонија во НАТО, државава стана целосно неотпорна на можни поделби или распад. Имено, таквите процеси би биле прикажани како внатрешна работа на земји членки на НАТО и секој обид однадвор да и се помогне на Република Македонија, според членот 5 од Статутот на НАТО, би се сметал како напад врз сите земји членки на Алијансата и како таков речиси и невозможен.
За жал, се’ што прави Заев и оваа гарнитура на власт – од уништувањето на системите за безбедност и одбрана, бришење на македонскиот идентитет преку договорите со Атина и Софија, до целосна реализација на Тиранската платформа, ја прави Република Македонија податлива за реализација на овие сценарија. Македонскиот народ има обврска на секој можен начин да се спротивстави и да ги оневозможи ваквите сценарија. Додека навистина не биде доцна.
Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес