
На поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, во петокот му е одредена мерка куќен притвор иако утрово откако беше приведен и однесен во суд и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција бараше да му биде одреден притвор. Но, интересно е како премиерот Зоран Заев изминатиот период по избувнувањето на аферата за спорниот софтвер го бранеше во медиумите својот близок соработник.
Заедно со Рашковски е приведен и Даниел Станчески, сопственикот и управител на фирмата „Инвока гроуп“. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција под притисокот на јавноста конечно отвори истрага против четири лица за злоупотреба на службената положба и овластување поради предметот поврзан со набавката на софтверот.
„Има причинско-правни последици зошто е тоа правено, со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтверот кој може да се употребува во Министерството за внатрешни работи. Се работи за објект кој снима 360 степени кој е набавен врз основа на претходни длабински анализи. Ова е правено со причина, не ни текнало така нас седејќи во Владата ај ќе правиме софтвер. Ако не го користат сега, може во иднина ќе го употребуваат“, вака премиерот Зоран Заев го бранеше Драги Рашковски за набавката на софтвер кој самиот го создал.
Премиерот, исто така, тврдеше дека софтверот е изработен од Факултетот за информатички науки (ФИНКИ) и Друштвото „Инвока“ ДООЕЛ Скопје и е целосно оспособен и тестиран, а додаде дека ќе биде ставен во функција кога за тоа ќе се извршат потребните синхронизации со базите на податоци од институциите. Заев тогаш рече дека исклучува сомнеж со набавката и дека сѐ било направено по тендерска процедура и со ФИНКИ, иако Министерството за внатрешни работи соопшти претходно дека ниту го нарачале, ниту биле информирани за тендер а ниту спордниот софтвер им бил испорачан.
Секако дека исклучувам сомнеж во набавката, тоа е направено колку што се сеќавам со ФИНКИ, со тендерска процедура. По информацијата во јавноста се обратив до службите да ме информираат барем усно, чекам да ми стигнат документите. Постапката била предвидена со буџет од 8 милиони денари, имало компетитивност, но сè уште не ги знам детали…Спроведена е целосна постапка“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на 9-ти март.
Тендерот за кој се сомничи Рашковски бил распишан во ноември 2019 година, на истиот се пријавиле три фирми, а како добитник на истиот во вредност од 81.000 евра се јавува компанијата „Инвока гроуп“. Софтверот, кој треба да одредува брзина, локација, регистарска табличка, поминување на црвено и друго требало да биде испорачан најдоцна во јули 2020 година.
Но и денеска Заев беше упорен дека постапката за набавка на софтверот од страна на Рашковски била законска, но дека сепак судот го има последниот збор. Заев рече дека во Обвинителството ги доставиле сите документи од постапката за набавка со се до доказите за тестирање на функционалноста на софтверот.
За приведувањето на Рашковски реагираше и ВМРО ДПМНЕ. Пратеникот Антонијо Милошоски изјави дека опозицијата уште пред три години алармираше дека кај Рашковски постојат индиции за извршен криминал. Додаде дека Обвинителството треба да го повика и Зоран Заев.