Вчера во Собранието бевме сведоци на дерогирање на правниот систем. Наместо Собранието да биде пример за работење во согласност со Уставот и Законот, претседателот на парламентот и пратениците од мнозинството даваа пример како не треба да се работи, истакна во понеделникот координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Присуството на двајца позитивни пратеници, спротивно на сите законски норми по никоја цена не беше оправдано, а секој обид за нивно воздигнување во т.н. статус на херој е срамен и безобразен чин во очите на вистинските херои на оваа пандемија. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ цела недела најавуваа, а тоа се потврди и со самиот чин на гласање, дека ќе дадат поддршка на петтиот сет еконономски мерки. Оттука, јасно е дека вчерашниот срамен театар, служеше единствено да се задоволат личните желби на поединци да помине 32 Седница на Собранието, на која немаше ниту една законска измена поврзана со здравјето на граѓаните или екномска помош. За да се остварат таквите лични желби, се даде пример дека политичарите се над законите, а притоа во ризик беа сите вработени во Собранието, присутните претставници на медиумите како и пратениците“, рече Мицевски.
Додаде дека тоа што е ноторно е дека вчера се прекршија членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Бидејќи никој не е над законите, вклучително и Претседателот на Собранието и пратениците, одговорност мора да има.