
Џенаро Гатузо според многумина ги брои последните натпревари како предводник на Наполи без оглед на резултатот кој ќе го оствари до крајот на сезоната, а во период кога италијанските медиуми шпекулираат со имињата кои се негови потенцијални наследници, ни пристигна една ексклузива од „Кориере дело Спорт“.
Угледниот весник открива дека Елиф Елмас се нашол на долгата и негативна листа на играчите кои биле избркани од тренингот, откако популарниот Рино проценил дека македонскиот „дијамант“ не се залагал доволно на вчерашниот тренинг.
Според пишувањата на весникот, Гатузо го испратил Елиф на предвремено туширање поради проактивен став и слаб интензитет кој укажува не незаинтересираност, потег кој дефинитивно не е никаква новост за легендарниот играч за врска кој бара максимум од своите играчи на секоја тренинг сесија.
Пред Елмас, во оваа негова непопуларна листа се најдоа и играчи како Алан, Гулам, Марио Руи и Лозано, фудбалери кои исто како Македонецот, беа избркани од тренингот.
Ако се суди и проценува според претходните случаи, Елмас поради дисциплинска казна би требало да не биде повикан за дербито со Лацио кое е утре на програмата.