И сметководителите од утре ќе протестираат, бараат неповратна финансиска помош

Директна неповратна финансиска поддршка и изготвување нов Закон за вршење сметководствени работи кој ќе обезбеди заштита на фелата ќе гарантира права наспроти обврските,  како и системско решение за пролонгирање на рокови за годишни сметки и даночни пријави, бараат сметководителите.

Тие најавија дека од утре се приклучуваат на протестите на туристичко-угостиелската комора на Сојузот на стопански комори.

– Повеќе од една година како се справуваме со здравствено – економска криза предизвикана од пандемијата со ковид–19, каде недостатокот на соодветна и навремена поддршка придонесе за илјадници компании да престанат со вршење дејност и десетици илјади загубени работни места. Со жалење констатираме дека истата судбина ги очекува и дел од над 1800 претпријатија од сметководствениот сектор доколку продолжи игнорантскиот однос од страна на институциите за надминување на проблемите. Имајќи предвид дека токму сметководителите се единствената врска меѓу државата и стопанството и спроведувањето на сите економски мерки во пракса беше реализирано токму преку нас, затоа е неопходна и потребата од директна финансиска поддршка за зачувување на дејноста. Сето ова затоа што ликвидноста ни е на алармантно ниско ниво поради намалената економска активност и тешката наплата на побарувањата – рече Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.

Тој рече дека  надминување на состојбите се потребни неповратни финансии за сите друштва и трговци поединци од дејноста, поделени во 3 категории според број на вработени.

Државните институции наметнуваат рокови до кои ригидно се држат ставајќи го прибирањето на статистичките податоци над дигнитетот и добросостојбата на фелата и граѓаните кои работат во оваа професија. Ограничените човечки ресурси и кратките рокови сред пандемија само дополнително ги акцентираат недостатоците на системот, па оставени сами на себе сметководителите вложуваат натчовечки напори и работат деноноќно да постигнат се во рок, по цена на сопственото здравје и живот. Со секое доцнење во носење на мерките и законите, со доцнење во имплементација на дополнителните обврски од страна на институциите, товарот за надоместување на времето да се аплицира во рок, повторно е на грбот на сметководителите – рече  Александра Андреева.

Таа рече дека сметководителите бараат системско решение за пролонгирање на рокови за годишни сметки и даночни пријави, флексибилност и задолжителна консултација со експерти од дејноста за секоја дополнителна обврска со рок.