Двојно повеќе работници годинава се пожалиле за неисплатен К-15

Во периодот јануари-март 2020 година до Државниот инспекторат за труд поднесени се вкупно 259 претставки за неисплатен К-15. Во истиот период, во 2021 година, поднесени се вкупно 502 претставки. Соодветно на зголемениот број на поплаки, реагирал и Државниот инспекторат. Така, според податоците што ги доби „Слободен печат“, во првите 3 месеци од годинава донесени се 191 решение од кои 161 опомена и 30 наредби. Во истиот период лани биле донесени се 98 решение, од кои 25 опомени и 73 наредби.

В.д директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, објаснува дека постапката за инспекцискиот надзор е уредена согласно Законот за инспекциски надзор (чл.16, 17, 19 и 20) и инспекторот е должен да постапи по секое барање од работник за остварување, односно заштита на правата од работен однос и заштита при работа и да достави писмено известување до подносителот (доколку е познат и оставил податоци за повратен одговор) за констатираната состојба и превземените мерки.

-Доколку инспекторот утврди повреда на прописите над чија примена врши надзор, донесува решение согласно закон, по кое работодавачот е должен да постапи во рок од 15 дена од денот на приемот на решението. Ако повредата на прописот претставува прекршок или кривично дело, инспекторот е должен до надлежен орган да поднесе барање, односно пријава за поведување на соодветна постапка – вели Тренчевска.

Начинот и постапката на вршење на инспекцискиот надзор уредени се и во чл. 66 од Законот за инспекциски надзор, во кој се вели постапката за вршење на инспекцискиот надзор се состои во четири фази и тоа : планирање, спроведување, затварање и документирање на инспекцискиот надзор. Поради обемот или сложеноста, инспекциски надзор може да вршат повеќе инспектори, при тоа за истиот надзор се составува еден записник и се донесува инспекциски акт кој се потпишува од сите инспектори кои учествувале во инспекцискиот надзор. Исто така при надзорот не смее да биде повредена тајноста на личните податоци.

Тренчевска објаснува и дека инспекторите имаат право на непречен увид на целата документација во самата фирма.

-Согласно чл. 79, 82 од истиот закон, инспекторот има право да врши инспекциски надзор над субјектите на инспекцискиот надзор во секое време и на лице место, и непречено да ја разгледува околината како и целокупната документација на субјектот. За извршениот инспекциски надзор, констатираните и утврдените неправилности и недостатоци инспекторот составува записник на местото на надзорот кој го потпишува инспекторот и субјектот на кој му предава еден примерок. Доколку субјектот го одбие потпишувањето на записникот, инспекторот во записникот ги наведува причините за одбивање – вели Тренчевска.

Таа потенцира дека постапката за утврдените неправилности, па и за неисплатениот К-15 почнуваат со опомена.

-Инспекторот кога ќе констатира неправилности и недостатоци при надзорот со решение изрекува опомена и определува рок во кој субјектот е должен да ги отстрани неправилностите утврдени со записникот, по исклучок може да донесе и друга мерка доколку оцени можна опасност по животот и здравјето на луѓето. По истекот на определениот рокот од изречената опомена, инспекторот утврдува дали недостатоците се отстранети и доколку е постапено по задолжението, инспекторот тоа го утврдува со решение за запирање на постапката. Во случаите кога не е постапено, со решение се изрекува друга инспекциска мерка како задолжување, наредба, забрана или друга мерка доколку е утврдена со посебен закон – вели Тренчевска.