Почнуваме со мобилизација на правен тим во одбрана на нашите ставови, велат жителите на Ново Маало откако вчера поднесоа петицијата до Владата и до Општина Центар со која бараат во ниту еден случај да не се суспендира планот и да се спречи изградбата на комплексот кај „Холидеј Ин“.
– По досегашните консултации со правни експерти, децидно укажуваме дека нашите права се неопсориви, пред се правото на сопственост на имотот со кој располагаме што е уставно загарантирано право на секој човек. Правото на сопственост како уставно загарантирано право на сопственикот му дава права имотот да го држи, целосно да го користи и да располага со него по своја волја. Досега делуваме конструктивно, но сега, уште еднаш повторуваме дека сме целосно подготвени да ги искористиме сите правни механизми за што и официјално почнавме правни консултации, доколку општината одлучи да го суспендира ДУП-от со кој сме засегнати – велат жителите.
Тие велат дека до добивање на конечен одговор на нивните тужби ќе ги блокираат сите улици кои ја оградуваат парцелата.