Лацио сигурен против Милан, Наполи победи во Торино

Во последните натпревари од 33-то коло од италијанското фудбалско првенство во понеделникот вечерта Лацио со 3:0 го совлада Милан, додека Наполи со 2:0 славеше на гостувањето кај Торино.

„Небесносините“ во дербито на колото беа убедливи против „Росонерите“ кои освен што веќе одамна ја загубија битката за титулата, сега тонат подолу на табелата и им се заканува и губење на позицијата која води директно во Лигата на шампионите. Милан долго беше на врвот на табелата а сега падна на петтото место.

Жоакин Кореја веќе во 2 минута ја начна мрежата на Милан, истиот играч веќе во 51 минута го удвои водството на Лацио, а конечниот резултат го постави Чиро Имобиле во 87 минута.

Наполи, за кој последните пет минути ги одигра македонскиот репрезентативец Ељиф Елмаз заменувајќи го Лоренцо Инсиње, за две минути уште на почетокот го реши во своја полза гостувањето кај Торино. Стрелци во 11 и 13 минута за гостите беа, Тиемуе Бакајоко односно Виктор Осимхен.

Милан сега е петти со 66 бодови, колку што имаат и четвртопласираниот Јвентус и третопласираниот Напили, а второпласираната Аталанта има два бода повеќе. Водечкиот Интер има 79 бодови, а Лацио сега има 61 бод но од 32 натпревари и ќе се бори во последните пет кола да избори директен пласман во Лига Европа.

Торино со 32 одиграни натпревари е 16-ти со 31 бод, колку што има и 18-от Беневенто, кој е на местото од кое се игра бараж за опстанок.