Една доза од вакцината го намалува преносот на заразата со коронавирусот за 50 отсто во едно домаќинство

Само една доза од вакцината против коронавирусот на „Pfizer/BioNTech“ или „AstraZeneca“ може да го намали пренесувањето на коронавирусот за речиси 50 отсто во рамките на исто домаќинство, каде што ризикот од заразата е многу висок, покажува истражувањето што го спровела англиската Агенција за јавно здравство (PHE), чиишто резултати се објавени во средата.

Истражувањето покажува дека кај лицата коишто ќе се заразат со коронавирусот три седмици по примањето на првата доза од вакцините на двата споменати производители, веројатноста за пренесување на заразата на членовите на истото домаќинство е за 38 до 49 отсто помала во однос наоние кои не се вакцинирано, се наведува во соопштението на PHE.

Ова ниво на заштита е гарантирана на околу четиринаесеттиот ден по вакцинирањето и е слична без разлика на возраста на вакцинираното лице или членовите на домаќинството. Британското министерство за здравство оцени дека станува збор за „фантастична вест“.

„Од претходно знаевме дека вакцините спасуваат животи, но оваа студија, најопсежната во стварни услови, укажува и на намалувањето на преносот на овој смртоносен вирус“, се наведува во писмената изјава.

Првата доза од вакцината истовремено ја спречува можноста од развој на симптоматската форма на болеста кај вакцинираните лица. Поточно, во рок од четири седмици по примањето на првата доза од која и да е вакцина, овој ризик се намалува за околу 60 до 65 отсто.

„Иако овој податок е многу орабрувачки и за вакцинираните лица, сѐ уште е извонредно важно и натаму да се однесуваат како да го имате вирусот“, истакнува Мери Ремзи, шефица на одделот за имунизација при PHE.

Со истражувањето биле опфатени повеќе од 57.000 контакти од 24.000 домаќинства во коишто вакциниранираното лице дополнително било позитивно на коронавирусот, а споредбата е направена со речиси милион контакти на лица кои не се вакцинирани.

Домаќинствата се сметаат за места со „висок ризик“ кога станува збор за ширењето на вирусите, а „слични резултати би можело да се добијат и на местта со сличен ризик за пренесувањето на вирусот, како што се затворите или становите чијшто простор го делат студенти или други цимери“.

Претходно спроведените истражувања на PHE покажаа дека вакцините на „Pfizer/BioNTech“ и на „AstraZeneca“, коишто се во употреба во Велика Британија, до крајот на март спречиле 10.400 смртни исходи кај лица постари од 60 години.

Во земјата од почетокот на декември, далеку пред остатокот од Европа, се спроведува масовна имунизација на населението, а покрај двете споменати вакцини подоцна започна да се користи и онаа на „Moderna“. Обединетото Кралство ја спроведува една од најбрзите кампањи на вакцинација против Covid-19 во светот. Досега првата доза ја добиле речиси 34 милиони жители, а четвртина или 13,2 милиони возрасни ги примиле двете дози.