Граѓаните да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука се генерираат приоритетите. Ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време, апелира министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека пријавувањето оди и преку матичните лекари, но дека сајтот vakcinacija.mk, е најбрз начин за пријавување.
Според него, во земјава сега има поголема количина на вакцини и повеќе пунктови на располагање, а дневно ќе се вакцинираат од 10.000 до 15.000 лица.
Вакцините „Синофарм“ најдоцна во понеделник ќе бидат дистрибуирани во сите вакцинални пунктови за масовна вакцинација ширум државата, во Скопје во салата „Борис Трајковски“, како и во Куманово, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, исто така во спортските сали, според распоредот на веќе пријавени граѓани. Пунктови во спортски сали ќе се отворат и во Велес и Прилеп.
Во градовите кај што има спортска сала како пункт за масовна вакцинација следната недела ќе работи и салата и пунктот во здравствениот дом согласно распоредот којшто е веќе даден за постарите граѓани
Министерот рече дека доколку не стасаат вакцините на „Астра Зенека“ до термините за ревакцинација на нашите државјани кои со оваа вакцина се вакцинираа во Србија, со српските здравстевни власти е разговарано и тие вакцини од Србија да ги донесат кај нас и тука да се спроведе ревакцинацијата.
-Зборуваме за граѓаните над 60 години кои треба да се ревакцинираат после 12 недели од првата доза. За останатите возрасни групи граѓани ги следиме препораките на некои од европските земји. Германија на пример препорачува ревакцинација со друга вакцина, нашите стручни лица од Националниот комитет ги следат препораките и ќе излеземе и ние со соодветни препораки – рече Филипче.