
По три финалиња, македонските одбојкари предводени од селекторот Никола Матијашевиќ ги почнуваат подготовките за новото издание на Европската сребрена лига со амбиции конечно и да ја освојат.
Тренинзите ќе бидат во салата „Парк“ во Струмица каде што ќе бидат одиграни средбите од првиот турнир во групата „А“, како и завршниот на најдобрите четири тима.
Црвено-жолтите како домаќини се сигурни учесници на „Фајнал фор“ без оглед на резултатите во групната фаза.
„Ова ќе биде долг репрезентативен период и задоволство е што ќе го почнеме со учество во Европската сребрена лига во којашто се враќаме по три години. Сакаме да го освоиме првото место, а потоа ќе размислуваме за Европското првенство во септември. Амбициите се јасни и верувам дека се остварливи“, убеден е капитенот Никола Ѓорѓиев.