„Ова е многу добар ден за Западен Балкан и прекрасен ден за Северна Македонија. Конечно можеме да ги испорачаме првите вакцини. Гледам зад параваните дека кампањата за вакцинација е почнат. Не беше лесно, работевме со огромна помош и напор на австриската влада за да се случи ова и да ви покажеме дека ни е грижа за вас“, рече еврокомесарот Оливер Вархеји во изјавата дадена во вакциналниот центар „Борис Трајковски“ по повод предавањето на првата пратка вакцини „Фајзер/БионТек“ обезбедени од ЕУ.
„Ние како ЕУ сме покрај Западниот Балкан од почетокот на епидемијата и ќе продолжиме да му помагаме и натаму. Ова е само почеток, ќе има уште вакцини. Се надеваме дека ќе ве придружуваме до крајот на кампањата за вакцинација“, рече тој нагласувајќи дека вакцините што ги донесе и ќе ги донесе во име на ЕУ, вкупно 120.000 вакцини само за Северна Македонија, ќе бидат испорачани до крајот на август – како подарок и целосно платени од Унијата, за да ја надмине пандемијата што е можно побрзо.
Австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, оцени дека вакцините ќе ја сменат „играта“, т.е. ситуацијата со пандемијата.
-Никој не е безбеден ако сите не сме безбедени. Оваа пандемија навистина предизвика многу страдање ширум Евроопа и светот, и не е завршена.Центрите за вакцинација се места на надеж, а денешниот ден исто така е ден на надеж. Горда сум дека Австрија го олеснува испорачувањето на шрвите вакцини за Западниот Балкан – 650.000 за целиот регион и 120.000 за Северна Македонија, рече таа. Според неа гестот е знак на посветеноста на Австрија на регионот, која се залага Западниот Балкан да биде во центарот на политиката на ЕУ.
-Само со заеднички сили можеме да ставиме крај на оваа пандемија, порача таа.
Околу тоа дали Македонија ќе добие одлука за почнување преговори во јуни еврокомесарот Вархеји рече дека е тешко прашање, дека мора да се работи напорно и се уште не сме стигнати до таа цел. Тој нагласи дека ако не се постигне договор за преговорите со Македонија ќе се отвори и прашањето за одвојување на Албанија.
За неговиот став да не драматизираме и дека Македонија треба да одговори на бугарските барања искажан пред Европскиот парламент, дали се уште стои зад тоа, Вархеји рече:
-Тешко е да не се зборува за драма по вето. Ветото само по себе е драма. Она што правиме сега е да се вратиме во нормалноста што е можно побрзо, а тоа е да се постигне договор меѓу двете земји, што значи закажување на првата меѓувладина конференција меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сега работиме на тоа. рече Вархеји.
Околу ставот на Австрија за преговорите на Македонија повика на договор и австриската гостинка.
-Западен Балкан заслужува веродостојна евопска перспектива, а особено Северна Македонија. Се надевам дека ќе се тргне блокадата на Бугарија и дека Македонија ќе остане на масата за преговори, како и другата страна. Ние ќе се бориме за време на претседателството на Австрија во втората половина на годината, ќе ги поддржиме и двете страни, Северна Македонија бидејќи аправи многу, но и другата страна, зошто сме дел од ЕУ и ги поддржуваме земјите членки. Не смееме да изгубиме време и да го изгубиме овој моментум. Западниот Балкан е многу важен за ЕУ од безбедносна точка и се надевам дека сите земји ќе останат на масата за преговори, рече австриската министерка.