Пендаровски: Ако има нови докази за „27 април“, може да се преотвори процесот

Денешната средба беше за воспоставување на политичкиот дијалог, бидејќи за една демократија не е својствено за да постои прекин помеѓу институциите. Според мене, изминативе месеци беа изгубено време, но кога веќе губите, подобро е да загубите 10 месеци отколку 3 години, истакна претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Во однос на 27 април, јас повторив дека помилување за лица кои направиле кривично дело не доаѓа предвид, бидејќи нивната вина беше утврдена. Факт е дека тие не беа осудени за тероризам, туку за терористичко делување во Собранието. Ако се следи правната квалификација на пресудите за луѓето кои го нападнаа Зијадин Села, тие луѓе беа осудени, но не за тероризам, туку за убиство во обид. Сите овие луѓе направија страшни дела, оставија тешки трауми кај нападнатите и кај нивните семејства. Мојата теза е ако продолжиме со спротивставена политичка реторика, не само што нема да дојдеме до национално помирување, туку нема да воспоставиме и базична комуникација помеѓу нас, истакна Пендаровски.

– Ние се согласивме дека луѓето ако имаат нови докази можат да побараат преотворање на процесот, па судот ќе одлучи дали тој доказ има тежина. Тоа не се лица кои се терористи, туку осудени се за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во врска со белешката која вчера протече од Агенцијата за национална безбедност, не можам да ја коментирам затоа што има постапка и не би смеел да зборувам на таа тема. Јас ја добив таа белешка и примерот по кој е објавена не е од мојот Кабинет. Воопшто не ми е мило што такви важни документи излегуваат во јавноста, бидејќи тоа не зборува добро за држава која е членка на НАТО – рече Пендаровски.