Нацев за белешката на АНБ: Ако имало обид за бегство, зошто нема истрага против Савова која е посочена како помагач?

Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ преку статус на Фејсбук ја анализира белешката од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), по која беше притворен бизнисменот Орце Камчев за наводно планирано бегство надвор од земјава.

„Доколку се анализира белешката, ќе се забележи дека сите аргументации и предвидувања се однесуваат на можно сценарио, без приказ на факти кои би го потврдило тврдењето на оној кој ја пишал белешката. Притоа, подносителот на белешката употребува глаголска л-форма [престојувал, подготвувал, имал] која најмногу се употребува кога сакаме да прераскажеме некому нешто, без разлика дали сме го чуле тоа, прочитале, или пак некој ни го кажал. Најчесто тоа е гласина, употреба на претпоставка или поставување на прашање и одговор на хипотетичко прашање“, пишува Нацев.

Во однос на вмешаноста на странска служба, додава тој, не е наведено ниту името и презимето (или било каков идентификациски маркер, па дури и псевдоним) на припадникот на странската служба, кој имал состанок со лицата од интерес, што кај сите нас раѓа сомнеж дека воопшто не е извршена ниту проверка во хотелот Аурора, ниту, пак, е одземен видеоматеријал од видеонадзорот во истиот, кој потоа би бил прилог во белешката.

„Друга дилема е, ако имало обид за бегство, зошто тогаш нема истрага против Наташа Савова, која е посочена како помагач? И за крај, потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев. Ако АНБ примениле само оперативен метод ‘набљудување‘ и на тоа се повикуваат како образложение, тогаш тоа објаснување држи вода до некаде, затоа што тоа им е законска можност и овластување. Но, набљудување значи да гледаш некој дека пие кафе и да го нотираш тоа, како и да ги нотираш лицата кои се во негово друштво, но како во тој случај би знаел што се зборувало на масата, и би напишал кредибилна службена белешка за содржината на тој разговор? Еве, ова се неколку логични прашања, за кои се сомневам дека некој ќе ги одговори“, потенцира Нацев.