
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на средбата со премиерот Зоран Заев денеска во Брисел потврдила дека се залага Северна Македонија и Албанија заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање.
Таа додала дека ЕК ќе се вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ.
Премиерот Заев нагласил дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина, соопшти Владата.
– Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност – порачал Заев на средбата со претседателката на ЕК Фон дер Лајен.
Заев додал дека Северна Македонија ги спровела сите реформи, дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома и дека се исполнети сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.
На средбата во Брисел присуствувале и заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи.
МИА