Филипче: Сè уште не е време за свадби и концерти

Бележиме тренд на намалување на новозаразените пациенти со ковид-19, а има и значително празнење на болниците, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

– Повеќе од половина од капацитетите се слободни и сето тоа даде за право да се предложат попуштања на рестрикциите и во таа смисла скратување на полицискиот час кој ќе започнува во 24 часот. Ќе се отворат фитнес центрите и теретаните, а угостителските објекти ќе работат до 23:30 часот. Дозволено ќе биде и одржување состаноци и евенти. Искрено се надевам дека овие трендови ќе вродат со плод, па наскоро ќе можеме да ги дозволиме и концертите и свадбите. Сега не можеме да ги дозволиме свадбите и концертите, бидејќи имаме проценка дека таму луѓето нема да ги почитуваат мерките, односно нема да ја држат потребната дистанца од два метра – рече Филипче.

Тој истакна дека досега околу 110.000 граѓани се вакцинирани, а 23.000 од нив се ревакцинирани.

– Околу 110.000 се вакцинирани, 23.000 се ревакцинирани, а со таа динамика продолжува процесот на вакцинација во текот на оваа недела. Денеска стигнуваат вакцини од „Фајзер“, а донацијата од Кинеската армија ќе стигне на 15 мај. Оние 170.000 граѓани кои се во првата група сега се вакцинираат, а пријавени се уште 130.000 граѓани за вакцинација – истакна министерот.

На прашањето дали се размислува на доделување парични награди за оние коишто ќе се вакцинираат исто како што тоа го стори Србија, Филипче истакна дека кај нас нема потреба од такво нешто.

– Мислам дека нема потреба за награда, има 130.000 пријавени за вакцинација и тоа е добар знак. Има добар интерес, а наскоро ќе започнат нови кампањи за поттикнување на вакцинацијата. Има сега кампања којашто е активна, а другите ќе започнат во следниот период. Од вкупниот број граѓани коишто се пријавени до 30 април веќе добиле или ќе добијат термин до 15 мај, и тоа е според возрасната граница. Како што се зголемува бројот на вакцинирани и како што ќе спласнуваат бројките на новозаразени, така ќе се повлекува и мерката за задолжително носење заштитна маска на отворено. Но, засега сметаме дека сè уште е рано за такво нешто – истакна министерот.

Во врска со изградбата на новиот Клинички центар, Филипче рече дека ако сакаме Клинички центар којшто ќе нè служи во следните 60-70 години, тогаш тој треба да се изгради во Ѓорче Петров.

– Законот којшто ќе овозможи двете европски компании да дадат заедничка понуда, а опозицијата го блокираше со 2.000 амандмани. Иако разговаравме да дадат конструктивни амандмани, за жал тоа не се случи. Сепак, верувам дека ќе победи разумот, а ние ги понудивме сите можни алтернативи и укажавме дека не постои простор за сомнеж. Политиката ја разбираме како начин за да се решат проблемите на граѓаните во секоја сфера, особено во делот на здравството. Овој Клинички центар, колку и да го реновираме, е стар. Ако сакаме Клинички центар којшто ќе служи во следните 60-70 години, тогаш тој треба да се изгради во Ѓорче Петров – рече Филипче.

За 33-годишната родилка којашто починала на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, министерот истакна дека утрово прочитал во медиумите за овој случај и дека наскоро ќе соопшти детали.