Русија негира дека стои зад кибернетичкиот напад врз нафтовод во САД

Руската амбасада во САД во вторникот ги отфрли тврдењата дека Москва наводно стои зад кибернетичкиот напад кој го наруши функционирањето на најголемиот американски нафтовод.

Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот изјави дека засега нема докази дека руската влада стои зад овој напад, но дека има индиции дека изнудувачкиот софтвер со кој нападот бил изведен дошил од Русија.

Компанијата „Colonial Pipeline“ поради нападот на неколку дена ја прекина својата работа, што претставува една од најголемите последици од дигителен напад во историјата. Оваа компанија е оператор на најголемиот американски цевковод за транспорт на различни видови горива.

Прекинувањето на работата на нафтоводот во следниот период ќе ја загрози набавката на горивата, ќе ги подигне цените и ќе ги принуи рафинериите да го намалат производството, бидејќи немаат како да го испорачаат енергенсот.

„Амбасадата го зема на знаење обидот на некои медиуми да ја обвинат Русија за кибернетичкиот напад на нафтоводот Колониал. Категорички ги отфрламе неоснованите измислици на поедини новинари и повторуваме дека Русија не спроведува штетни активности во вируелното пространство“, објави руската амбасада на својот фејсбук профил.

Американското Федерално биро за истраги (FBI) нападот го припиша на криминалната хакерска мрежа „ DarkSide“ за која се мисли дека или дејствува од Русија или од некој друг дел на источна Европа.

Софтверот со кој се користи „ DarkSide“ ги напаѓа компјутерите кои не користат тастатури со писмата од поранешните советски републики, тврдат за агенцијата Reuters кибернетички експерти.