
Министерството за образование не го прифати барањето на дел од родителите, за повлекување на новиот предлог закон за учебници, кој, меѓу другото, предвидува дигитализација на книгите. Според родителите, релевантните институции останале глуви и не разгледале ниту едно од барањата на родителите кои беа доставени до Министерството за образование минатата недела. Револтирани од постапките на Министерството за образование, групата родители најавува протести за сабота, во сите градови во земјата.
Родителската група „Книги и часови мора да има“ бара класичните книги да останат во употреба, за сите одделенија од основното и средното образование. Да не се спојат два или повеќе предмети во еден. Да се аргументира намалувањето на бројот на часови кај одредени предмети. Да се создадат соодветни услови за деца со попреченост. Да се подготват протоколи за спроведување на настава со физичко присуство, како и да се вклучат претставници на групата и граѓанскиот сектор во работната група за измени во законот. Министерството за образование останува на ставот дека промените во основното образование ќе се случат како резултат на сеопфатна анализа и барање на наставниците.