Со цел поддршка на македонскиот фудбал и создавање услови за нови успеси и победи на сегашните и на идните генерации фудбалери, Комерцијална банка АД Скопје и Фудбалската федерација на Македонија склучија Договор за спонзорство за наредните три години.
– Со оваа соработка што денеска и официјално ја објавуваме, Комерцијална банка станува горд поддржувач на македонската фудбалска репрезентација. Горди сме ние што добиваме партнер кој секогаш ги потврдува и поддржува вистинските вредности. Најдобрата македонска банка заедно со најдобрата фудбалска репрезентација. Исклучително сме среќни што преку оваа соработка со Комерцијална банка имаме можност да ја продолжиме убавата приказна поврзана со учеството на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство, која покрај спортскиот успех во себе содржи голема национална гордост – изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини.
Главниот оперативен директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, Илија Илоски, им посака успех на македонските фудбалери.
– Со целокупното свое работење, и во финансискиот и во корпоративниот дел, Банката постојано придонесува за развој на економијата, но и на уметноста, културата, спортот, како и за унапредување и подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани. Веруваме дека македонскиот фудбал има во себе магија и моќ за да поттикне нови успеси и заеднички победи. Тоа да бидат успеси на деца кои ќе се определат за спорт, одговорност и дисциплина, на нови генерации фудбалери, на сите нас кои ќе изградиме уште подбри услови за спортот во земјава. Тоа е мисијата со која Комерцијална банка влегува во соработка со Фудбалската федерација бидејќи делиме заеднички цели и императиви. Посакувам Европското првенство 2020 да ни донесе многу радости, но на фудбалерите им посакувам, пред сѐ, добро здравје и многу среќа – истакна Илоски.