
Претседателот на Независната угостителска комора Здравко Јосифовски смета дека е неправедно доколку финансиска поддршка добијат само угостителските објекти чија примарна дејност е служење храна и пијалоци.
Јосифовски нагласи дека сите угостителски објекти, без разлика дали нивната примарна дејност е угостителството или не, биле затворени со владината одлука од 5 април.
– Кога ја носеа одлуката од 5 април не беа затворени само угостителски објекти со приоритетни шифри. Беа затворени сите угостителски објекти. Како што знаете, било кој објект што работеше и вршеше угостителска дејност на лице место беше затворен казнет со поднесена кривична пријава. Сметам дека е голема неправда доколку Владата или било кој министер мисли дека со одлука ќе се додели финансиска помош само на едни, а другите ќе бидеме набљудувачи и ќе гледаме како тие пари ги насочуваат за друга употреба, а ни кажат дека сме ги искористиле максимално и ни дале се она што ни следува – рече Јосифовски.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција појасни дека финансиска поддршка ќе добијат угостителите согласно критериумите во јавниот повик.
Бектеши потврди дека во Министерството за економија се стигнати барањата на НУК да бидат опфатени сите угостители со финансиската помош и оти тие ќе бидат разгледани.