Исланд не се согласува Германија да игра на СП во Катар

Светскиот ракомет се уште го тресе скандалозната одлука на Светската ракометна федерација (ИХФ) по откажувањето на Австралија на Мундијалот во Катар да игра репрезентацијата на Германија. Жалба за оваа одлука на ИХФ поднесоа челниците на ракометната федерација на Исланд.

Имено, Исланд побара од Европската ракометна федерација (ЕХФ) да реагира за целиот случај, бидејќи е направен преседан што дополнителното место по автоматизам е доделено на Германија, без притоа да се наведат критериумите по кои е избрана оваа селекција.

Исланѓаните сметаат дека правдата е на нивна страна и инсистираат што поскоро да биде покрената постапка, во која ЕХФ ќе ја застапува оваа скандинавска земја.

Исланѓаните велат доколку Австралија не е дел од Мундијалот, тогаш тоа место треба да припадне на најдобрата селекција од континентот што е избран. Исланд како петтопласирана селекција од последниот европски шампионат е најдобра репрезентација од оние што не обезбедија виза за Катар, па врз основа на тоа сега и ја бара правдата.