
Поранешната ракометарка Андријана Будимир, директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката за пластична хирургија Софија Пејкова, економскиот советник на премиерот Зоран Заев и поранешниот претставник на Македонија во Светска банка, Нина Фити – Неделковска… се дел од новите имиња на кандидати за членови на Централниот одбор на СДСМ.
Денешниот 26-от конгрес на СДСМ што се одржа онлајн поради корона пандемијата заврши, а во секој момент се очекува да почне седницата на Централниот одбор по што прес-конференција треба да одржи претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Од СДСМдодаваат дека во Централниот одбор има многу нови имиња, повеќе од две третини. Меѓу избраните функционери застапени се лекари, спортисти,…, а се водела сметка и за родовата и возрасната еднаквост.
„До конгресот на СДСМ денеска предлагаме 120 кандидати за членови на Централниот одбор и девет кандидати за членови на Надзорниот одбор. Следува обновување на досегашната кадровска понуда на партијата, охрабрување на различно мислење, но и градење на СДСМ за новото време. Од овие 120 кандидати, 60 се жени, 60 се мажи, а 45 се млади. Покрај целосно еднаква застапеност на жените и мажите, имаме и 37,5 проценти застапеност на младите“, истакна Заев.