Илија Несторовски нема да настапи на ЕП

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски ги откри 26-те имиња на кои ќе смета за претстојното Европско првенство. Македонија е дебитант на големите собири, со тешка и напорна работа стигна до тоа место, а сега е познато и кои имиња ќе ги бранат црвено-жолтите бои.

„Ристовски, Чурлинов и Јанков се нашата иднина, тие затоа се на нашиот список. Со својот квалитет јас сметам дека можат да придонесат во А-тимот и да соберат искуство, бидејќи очекувам во наредните години од овие тројца да бидат стандардни првотимци.

Жалам за отсуството на Илија, вредно работеше со сите нас да се пласираме на Европско првенство и за жал нема да биде со нас во тимот. Сепак, верувам во останатите играчи и дека без проблем ќе го дополнат неговото отсуство. УЕФА дозволи и три резерви во случај на ковид-проблеми, ама јас се надевам дека тоа ќе не одмине.

Димитриевски и Николов со своите тимови имаат обврски во плеј-оф дуелите. Според ФИФА правилата, тие може да останат во клубовите до 30 мај, но ние сме во комуникација и ќе договориме клупските претставници, па ќе го донесеме најдоброто решение за сите“, изјави Ангеловски.

Македонија ќе ги стартува подготовките на 25 мај, а потоа ќе одигра два пријателски натпревари против Словенија и Казахстан.