Бајден го поздрави примирјето и вети хумантирна помош за Газа

Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави примирјето што го склучија Израел и радикалното палестинско движење Хамас со посредство на Египет, со кое по 11 дена жестоки ракетирање и бомбардирања е прекинат најжестокиот судир меѓу двете страни последната деценија.

Бајден притоа вети дека Соединетите држави, во соработка со Обединетите нации и другите меѓународни чинители, на жителите на палестинската енклава Појасот Газа ќе им достават хуманитарна помош и ќе учестуваат во обновувањето на оваа повторно разорена сиромашна област.

Американскиот претседател истакна дека помошта во обновата ќе биде спроведена во соработка со Палестинската самоуправа, а не со Хамас кој ја протера од Појасот Газа во 2007 година а кој САД го сметаат за терористичка организација. Умерената палестинска фракција владее само во другата палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан).

„Ќе го сториме тоа во целосна соработка со палестинските власти, но не со Хамас, и тоа така што нема да му дозволиме на Хамас едноставно да ги обнови своите резерви од оружје“, изјави Бајден.

Американскиот претседател поради ставот дека Израел има право да се брани од ракетните напади на Хамас и начинот на кој ги водеше преговорите за прекин на огнот беше остро критикуван и од членовите на неговата Демократска партија.

На овие критики Бајден се обиде да одговори со тврдењето дека Палестинците заслужуваат да живеат во мир и безбедност, исто како и Израелците.

„Мојата администрација ќе ја продолжи тивката, немилосрдна дипломатија кон таа цел. Верувам дека имаме вистинска можност да дојдеме до напредок и посветен сум на работата за тоа“, рече Бајден.