Њујорк организира лотарија од 5 милиони долари за вакцинираните

Мора да се боцнете за да освоите, објави во четвртокот гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо, промовирајќи ја лотаријата во износ од пет милиони долари како поттик за њујорчаните за вакцинирање следната седмица против коронавирусната болест.

Програмата им дава бесплатна грепка на сите њујорчани повозрасни од 18 години кои ќе ја примат вкацината на „Moderna“, „Pfizer/BioNTech“ или на „Johnson&Johnson“ во периодот од 24-ти до 28-ми мај.

„Поради забавувањето на темпото на вакцинирање во државата, мораме да бидеме креативни за да вакцинираме повеќе луѓе. Колку повеќе њујорчани ќе се вакцинираат, толку побрзо ќе се вратиме во нормалата“, изјави Куомо во писментата изјава за медиумите.

Куомо наведува дека 63 отсто од возрасните њујорчани се вакцинирале со една доза од вакцината, а дека 54 отсто се целосно вакцинирани.

Лотаријата којашто се користи како поттик за вакцинирање може да донесе добивка од 20 до пет милиони долари.

Сојузната држава Охајо минатата седмица објави дека ќе го поттикнува вакцинирањето, исто така, со лотарија во којашто во пет седмици ќе бидат доделувани добивки од по милион долари на среќниците кои се вакцинирале, а првиот добитник ќе биде познат на 26-ти мај.