Блинкен: Сѐ уште нема конкретен сигнал за подготвеност на Иран да се врати во нуклеарниот договор

EPA-EFE/OLIVIER HOSLET / POOL

САД сѐ уште не забележале конкретен сигнал за подготвеност на Иран да „го преземе потребното“ според договорот и така да овозможи укинување на некои од американските санкции, изјави во неделата американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Прашањето на коешто сѐ уште немаме одговор е дали Иране е подготвен да го преземе потребното за повторно да се придржува до договорот“, изјави шефот на американската дипломатија за телевизијата CNN коментирајќи ги индиректните преговори кои се одржуваат во Виена.

Меѓународниот сеопфатен договор за иранската нуклеарна програма (JCPOA) беше склучен во 2015 година меѓу Иран и шесте светски сили, со цел да се гарантира дека Техеран нема да дојде до атомска бомба. Но откако САД во мај се повлекоа од договорот, кога поранешниот претседател Доналд Трамп бараше во договорот да се вклучи и иранската ракетна програма и ги врати санкциите, Иран започна со постепено суспендирање на своите обврски од договорот, особено за степенот и количеството на збогатување на ураниум, всушност најчувствителниот дел од договорот.

Администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден сака повторно да ги започне преговорите со Иран, но не се откажува од барањата на претходната администрација, а преку другите земји потписнички на договорот, Германија, Франција, Велика Британија, Кина и Русија, одржа неколку индиректни преговори.

„Знаеме кои санкции ќе бидат укинати доколку не се во согласност со нуклеарниот договор. Иран знае што мора да стори за да биде во согласност со договор, но не видовме дека Иран подготвен да ја донесе одлуката. Тоа е влогот и уште немаме одговор“, рече Ентони Блинкен за телевизиската мрежа ABC News.

Последниот состанок на преговарачите во средата заврши во позитивни тонови, откако учесниците наведоа дека е остварен напредок.

„Добро напредувавме. Договорот добива форма“, изјави по средбата европскиот дипломат Енрике Мора, кој ги води преговорите.

Иранскиот претседател Хасан Роухани оцени дека се „преземени големи чекори“. Преговорите би требало да продолжат на почетокот од седмицата во Виена.

Повеќедецениските тензии меѓу САД и Иран дополнително се заострија откако претседателот Доналд Трамп во мај 2018 година ги повлече САД од нуклеарниот договор и ги врати старите остри санкции. Техеран, незадоволен како европските сојузници на САД – Велика Британија, Германија и Франција, исто така, потписнички на договорот, поради страв од санкциите не успеваат да ги задржат нивните инвестиции во иранската економија и да ја заштитат од рестрикциите, започна постепено да суспендира дел од своите обврски произлезени од договорот.

Санкциите во последните две години доведоа до сериозна економска криза во Иран, која резултираше и со бунт во кој имаше мртви. САД ги воведоа санкциите за да извршат притисок врз Техеран да се согласи на поголеми ограничувања за својата нуклеарна програма, но и за да се согласи на нов договор кој би ја вклучувал и неговата програма за развој на балистички проектили. Исто така, Вашингтон со санкциите ги исполни своите обврски кон своите арапски сојузници на Блискиот исток и Израел, кои стравуваат од зголеменото политичко и воено влијание на Иран во регионот.

Иран со децении негира дека има намера да развие нуклеарно оружје, тврдејќи дека шиитскиот ислам кој е доминантна религија во земјата забранува оружја за масовно уништување. Но на политиката на „масимален притисок“ од страна на САД во мандатот на Трамп, возврати со повторно збогатување на восики проценти на ураниум. А сега тврди дека брзо би ја напуштил таквата политика, дококлку Бајден ги укине санкциите.